Советниците од општините од Полошкиот плански регион имаа советување во административната зграда на Општина Тетово
Советниците од општините од Полошкиот плански регион, на 15 април, 2026 година, во салата, во административната зграда на Општина Тетово, се запознаа со начинот на финансирањето и со надлежностите на единиците на локалната самоуправа; со правната рамка на која се гради локаната власт; со процесот на децентрализацијата, но и со улогата, стратегиските цели и организациската поставеност на ЗЕЛС, како единствена организација во која се обединети сите општини во земјата. Целта на ова советување е да се обезбеди што поефикасна и одговорна реализација на обврските што ги имаат општинските советници при спроведувањето на надлежностите на локалната власт. Впрочем, ЗЕЛС традиционално и во изминатиот период, по завршувањето на секој циклус на локални избори спроведуваше воведни обуки за определен број на делегати од секој општински совет и истите ги реализираше во просториите на ЗЕЛС. Оваа година, за прв пат овие обуки имаа можност да ги проследат сите членови од советите од сите општини во земјава и истите беа организирани во рамките на планските региони. Овие активности ЗЕЛС ги реализираше во согласност со Акцискиот план за 2026 година и во соработка со проектот „Зајакнување на општинските совети- Фаза 2“, спроведуван од УНДП. За утврдените теми на советувањето, пред присутните говореа Душица Перишиќ, извршен директор на ЗЕЛС, Ардита Дема-Мехмети, заменик извршен директор, Виктор Арнаудоски, раководител на сектор во ЗЕЛС и Лејла Небиу, претставник од УНДП













